По 2 и пол години повторно се наоѓаме пред Основен суд, повторно не враќаат во болка, повторно го преживуваме истиот хорор. Сестра ми имаше само 22 години, студент кој се бореше за своите соништа, беше човек со огромна душа. Не ми е јасно, уште колку треба да поминуваме низ истиот пекол за нешто што е очигледно, уште колку солзи треба да пролееме,- изјави Ева, сестра на Теодора Ристовска.
Менсур Пајазити, кој пред три години на пешачки премин смртно ја прегази 22 годишната тетовчанка Теодора Ристовска, не се појави на првото рочиште од повтореното судење по негово барање, а прифатено од Врховниот суд оти бил хоспитализиран. Во основниот суд во Тетово, по речиси три години повторно се појави само семејството на Теодора, чија сестра низ солзи и трепер развлекувањето на процесот го нарече хорор и болка.. Таа побара правда и да се стави конечен крај на дополнителната агонија што на семејството му ја предизвикува судењето..
За отсуството на Пајазити, како што кажа судијата Елведин Ферати, до судот вчера од страна на неговата сопруга, бил доставен медицински извештај од Клиничка болница дека бил задржан како пациент на интерно одделение, па главната расправа ќе се одржи на 27 март.
Семејството пак смета дека станува збор за одолговлекување и бараат максимална казна за Пајазити. Тој досега не одлежа ниту еден ден за стореното, за што првично доби 3 години и 6 месеци затвор. Но, по неговата жалба и барање на условна, казната од страна на Апелација му беше намалена на две години за што првично обвинителството се противело, а потоа и самите сугерирале да има ублажување на истата. На крајот, обвинетиот се жалел и на Врховен, кој одлучил да го врати судењето на почеток.
-Обвинетиот го признава делото, тоа го направи во завршните зборови, прво степениот суд го осуди на три години и шест месеци затвор, од каде тој се упатува до апелационен суд во Гостивар и се жали на казната во Вишото јавно обвинителство во Гостивар и се согласува со неговата жалба. Зошто? Зошто Виши јавен обвинител? -прашува Ева, сестра на Теодора Ристовска.
Тогаш 49 годишниот Пајазити, од Голема Речица, ја прегази Теодора на 15 август 2022 година на пешачки премин во Тетово, а таа три дена подоцна им подлегна на повредите