Смртта на оскаровецот Џин Хекман и неговата сопруга Бетси Аракава, кои беа пронајдени мртви минатата недела во нивниот дом во Санта Фе, не е резултат на истекување на гас, соопштија денеска властите во Ново Мексико.
Компанијата за гас не откри присуство на јаглерод моноксид во домот на Хекман за време на темелна истрага, објави Си-Ен-Ен.
На нивните тела не се констатирани надворешни повреди или други сомнителни знаци, покажа прелиминарната обдукција. До нив е пронајдено мртво нивното куче Зина, на пет-шест метри од Аракава.

Како што јави ТВ каналот ABC, на имотот се пронајдени уште две живи кучиња, кои сега се добро и се негуваат.
Хекмен наполни 95 години на крајот на јануари, а последниот филм во кој глумеше беше „Добредојдовте во Муспорт“ од 2004 година.
Хекмен стана познат по улогата во филмот Бони и Клајд од 1967 година, а освои и Оскар за улогите во филмот „Француската врска“ од 1971 година и филмот „Непростено“ од 1992 година.
Неговата сопруга, со која беше во брак од 1991 година, беше пијанистка, а од првиот брак има три деца.