Легендарниот актер Џин Хекман и неговата сопруга Бетси Аракава починале од природни причини во рок од една недела, покажа истрагата на медицинските власти на Ново Мексико.
Хекман (95) починал во својот дом во Санта Фе од срцево заболување потпомогнато од Алцхајмеровата болест во напредна фаза, додека Аракава (65) починала од хентавирусен белодробен синдром, респираторно заболување предизвикано од изложеност на заразени глодари. И нејзината смрт е означена како природна.
Властите веруваат дека таа починала една недела пред Хекман, со кого беше во брак повеќе од 30 години.
„Веруваме дека Аракава починала на 11 февруари и разумно можеме да заклучиме дека Хекман починал на 18 февруари“, изјави Хедер Џарел, шефицата на канцеларијата за медицински истраги на Ново Мексико.
Аракава последен пат била видена во јавност на 11 февруари, кога била во дуќан, аптека и продавница за домашни миленици, пред да се врати дома во раните вечерни часови.
„Имајќи предвид дека Хекман имал напредна фаза на Алцхајмеровата болест, доста е можно дека тој не ни бил свесен дека неговата сопруга починала. Хекман имал и значајно срцево заболување и хронично висок крвен притисок и тоа веројатно ја предизвикало неговата смрт. Тој не јадел ништо во последните денови, но не се пронајдени знаци на дехидрација“, додаде Џарел.
Главната ветеринарка на Ново Мексико Ерин Филипс изјави дека заразите со хентавируси се многу ретки. Тие се пренесуваат преку контакт со измет, урина или плунка на глодари, најчесто кога се вдишува контаминирана прашина. Хекман имал негативен тест на хентавирус.
Хекман и Аракава беа пронајдени мртви на 27 февруари, откако маалското обезбедување дошло да провери дали се добро. Нивните тела веќе биле во состојба на распаѓање. Телото на Хекман било во претсобјето, а на Аракава во бањата. И едно од нивните три кучиња е најдено угинато покрај Аракава. Причината за неговата смрт уште не е утврдена.