Гаранцијата од 600 илјади евра во имот била пресудна Апелација да му го укине притворот на првоосомничениот водач на нарко група и да го замени со мерки на претпазливост, велат од Апелација за Канал 5..
Првоосомничениот водач на криминалната банда од струшко-охридскиот регион за трговија со дрога и оружје гарантирал со 600.000 евра во недвижен имот дека нема повторно да избега, иако тоа веќе еднаш го сторил, па бил екстрадиран. Од Апелација, која му го укина притворот и му определи мерки на претпазливост наспроти очекувањата на обвинителството, за Канал 5 велат дека во оваа фаза од постапката обвинетиот ниту може да влијае врз сведоци, ниту да уништува докази, па според закон може да биде на слобода откако ќе се впише во катастарот.
„Обвинетиот поднел барање за прекинување на притворот со гаранција од недвижен имот во вредност од над 600.000 евра и кога истиот ќе се впише во катастарот, тој ќе биде пуштен на слобода. По закон, гаранција не може да се даде ако обвинетиот може да влијае врз сведоци и да уништува докази, за точката од законот, каде постои опасност од бегство и повторување на делото, може да се прифати гаранција.“
За ваквата одлука алармираше обвинителството, од каде посочија дека немаат право на жалба на одлуки на Апелационен суд, но, во соопштението истакнаа дека надлежниот јавен обвинител континуирано се противел по однос на замена на мерката притвор.
„Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по жалба за претходното продолжување ја прифатил гаранцијата и го пуштил на слобода без притоа да ги земе предвид околностите дека обвинетиот е првообвинет во предметот, дека истиот беше во бегство и е екстрадиран од друга држава со купена карта во еден правец и дека предметот е во судска постапка која е скоро пред завршни зборови.“ – стои во соопштението на ОЈО ГОКК.
Обвинетиот предводел повеќе-члена криминална банда од охридско-струшкиот регион која долго време неовластено набавувала и продавала дрога и оружје. Во апсењата на полицијата во 2023 година успеал да избега, по што по него била распиша меѓународна потерница. Подоцна бил фатен на аеродромот во Тирана, по што и екстрадиран и постапката против него продолжила.
Инаку, лани во Август од домашен притвор избега поранешниот припадник на ОВК – Блерим Рамадани, за кого Србија бараше екстрадиција. Тогаш јавноста и политичките партии одговорноста ја насочија кон судијата кој го определил домашниот притвор, а Белград од Скопје бараше објаснување.