Попладнево во месноста Каша, кај селото Ратево во Берово, избувнал пожар што брзо се шири кон туристичката населба Беровско Езеро. Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, информираше за пожарот и упати апел до граѓаните да се вклучат во неговото гаснење.
„Почитувани жители на Општина Берово, над месноста викана Каша, на потегот од село Ратево кон Беровско Езеро, избувна пожар кој брзо се шири. Потребна е помош за негово гаснење, па се молат сите кои се во можност активно да се вклучат, заедно со нашите пожарникари“, изјави Пекевски.
Во акцијата за гаснење се ангажирани вработени од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Берово, Шумското стопанство и доброволци. Засега не се соопштени информации за можни причинители на пожарот, ниту за евентуални штети.