Неколку десетици трактори утрово беа паркирани пред Пионирскиот парк во Белград, во близина на местото каде веќе осум дена престојува група луѓе кои се идентификуваат како Студенти 2.0 или таканаречени „студенти кои сакаат да учат“. Ова се случува 24 часа пред најавените големи протести во Белград.
Покрај тракторите паркирани во кампот „студенти кои сакаат да учат“, рано утрово на мостот Газела се забележани уште десетици, јавуваат српските медиуми. Се претпоставува дека се работи за трактористи кои наводно ќе ја штитат групата собрана во камповите.
На видеото кое беше објавено се гледа дека тракторите се нерегистрирани, односно ниту еден од паркираните нема регистарски таблички, а оние што ги имаат се покриени со крпа. Претходно стотици трактори од цела Србија беа донесени и паркирани во објектите на бројни фабрики низ Белград.
Околу Пионирскиот парк утринава може да се забележат и бројни полицајци. Безбедносните експерти сметаат дека паркираните трактори служат за зголемување на притисокот и поттикнување страв од радикализација на протестите за утре да се појават што помалку луѓе на улиците.
Вучиќ со денови предупредува дека протестите на 15 март може да доведат до големо насилство и дека насобраните ќе се обидат да ја преземат власта со насилство. Тој дури отиде дотаму што рече дека тој ден ќе биде во зградата на Претседателството и дека ќе треба да го убијат ако сакаат да ја преземат власта.
Синоќа тој рече дека собраните тој ден ќе се обидат да упаднат во Народното собрание, Радио телевизија на Србија (РТС) и Уставниот суд и дека ќе бидат извршени „најтешките злосторства“. Во оваа прилика Вучиќ денеска во 18 часот ќе им се обрати на граѓаните на Србија.