Како функционираат некои обвинители и судии пример е акцијата на полицијата по наредба на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за малверзации со набавка на мазаут за ТЕЦ Неготино, од 2021 до 2023 година?
Осомничени се 13 лица, меѓу кои, двајца сопственици на нафтени компании и поранешен директор на ЕСМ, кои го оштетиле буџетот на државата за над 167 милиони евра.
Обвинителството се сомнева дека покрај перењето пари, набавувале и горива со сомнителен квалитет што се штетни за животната средина. Значи, и свесно не труеле. А, што правеле и зошто „замижувале“ и надлежните институции за контрола на она што се увезувало е уште поголем проблем, се вели во анализата на Радио Слободна Европа.
Беа приведени 11 лица. На Ратко Капушевски, Адриан Муча и Ерџан Сулкоски им е определен притвор, соопшти кривичниот суд во Скопје. Притворот е определен поради опасност од бегство и влијание врз сведоци.
Капушевски и Сулкоски се сопственици на РКМ, компанијата преку која се одвиваа набавките на мазут и кои, според обвинителството, се доделени и реализирани преку злоупотреба, а има и случај на перење на пари. Муча е поранешен директор на сектор во ЕСМ. Поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, исто така осомничен за овој, но и за случајот „Адитив“, е во бегство.
За Асмир Јахоски (сопственик на Пуцко петрол и син на пратеникот на ДУИ Исмаил Јахоски) кој исто така е осомничен за малверзациите со мазутот, е определен куќен притвор, откако обвинителот го преиначил барањето и се откажал од најстрогата мерка за обезбедување – затворски притвор, а судијата прифатил.
Јавноста се прашува како е можно, за истото дело, за Јахоски да не постои опасност од бегство или влијание врз сведоци, па може да си седи дома? Судиите и обвинителите си ја префрлаат вината.
Ваквата одлука се поврзува со фактот што со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција раководи Ислам Абази, кој, важи за близок со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
На ова веројатно алудираше и премиерот Мицкоски, кој изјави: „За мене се алармантни информациите поврзани со прв човек на едно Обвинителство кога слушнал за акцијата. Шокиран сум како се однесувал и како продолжува да се однесува. Ако сакаат да бидат дворско-партиски забавувачи, местото им е во големите хациенди изградени во западна Македонија. Мислам дека многу скоро ќе се кае, но тогаш ќе биде доцна, истакна Мицкоски.
Инаку, според соопштението на Министерството за внатрешни работи, при претресите во Скопје, Битола и Кичево, биле запленети над 1500 парчиња муниција и пиштоли.
За Јахоски и Капушевски имаше серија написи во медиумите за разни сомнителни зделки и за начините на стекнувањето на нивниот капитал, но досега речиси ништо не беше процесуирано и остануваше без епилог. Меѓу другото, и затоа е довербата во правосудството таква каква што е. Чест на исклучоци.