Дефект на цевка на излезот од флотацијата во „Булмак“ предизвика излевање јаловина во Крива Река, при што реката е загадена од излезот на Тораница долж целиот тек.
На ден 14.03.2025 година (петок) во правен субјект БУЛМАК, рудник Тораница, Крива Паланка случен е инцидент со истекување на технолошка вода која се користи во процесот на флотација на олово-цинковата руда. Инцидентот се случил во раните утрински часови во периодот од 6.30 до 7.00 часот, настанат како последица на пукање на цевка преку која се доведува технолошката вода од таложникот за јамски води. Оваа вода не содржи хемиски средства бидејќи е истечена пред да дојде во погонот на флотација. Содржи само механички онечистувања, односно водата е заматена. Во меѓувреме дефектот е саниран и е сопрено истекувањето на водата, соопшти ДИЖС.
Од страна на Државен инспекторат за животна средина (ДИЖС) врз основа на известувањето од страна на правниот субјект се врши вонреден инспекциски надзор преку двајца државни инспектори за животна средина, а за надзорот ДИЖС ќе објави дополнително известување.