Вчера во Цетиње, Црна Гора, е убиен Васко Љешковиќ (37), припадник на шкаљарскиот клан и брат на Ѓокo Љешковиќ, осомничен за шверц на цигари.
Љешковиќ бил убиен од снајперски истрел додека ручал во неговиот двор опкружен со висок бетонски ѕид, а напаѓачот пукал во него од блискиот рид.
Извршителот, според претпоставките на полицијата, испукал само еден куршум кон Љешковиќ, по што побегнал, пишува „Вијести“.
Полициската управа соопшти дека во цетинската полиција вчера околу 15 часот и 25 минути било пријавено дека во дворот од куќа која е опкружена со висок бетонски ѕид, било пронајдено лице за кое постои сомневање дека е во несвест.
На терен вчера беа присутни голем број полициски сили кои го затворија приодот до куќата. Во соопштението на Полициската управа потенцираат дека се преземаат интензивни активности во соработка со Вишото државно обвинителство во Подгорица за расветлување на ова убиство.
Семејството на Васко Љешковиќ ги соопшти деталите за погребот, а во некрологот беше наведено дека тој ќе биде погребан утре во Цетиње.