Руските комичари Алексеј Владимирович Столјаров и Владимир Александрович Кузњецов, односно Лексус и Вован, познати по нивните имитации со кои измамија десетици политичари ширум светот, меѓу кои и поранешниот премиер Зоран Заев, го избраа Албин Курти за своја нова жртва.
Еден од нив во телефонски разговор се претставил како претседател на Летонија, Едгарс Ринкевичс, а косовскиот премиер не се двоумел да каже што мисли, особено за протестите во Србија.
На прашањето дали повеќемесечните протести во Србија се план на Западот за смена на претседателот Александар Вучиќ, Курти одговорил потврдно.
- „Да, но демократската опозиција во Србија, во форма на овие студентски протести, не добива доволно поддршка од ЕУ и од САД. Треба да се поддржат повеќе. Западот треба посилно да ја поддржи опозицијата во Белград и да доведе до промена на прорускиот режим, за Србија да го признае Косово“, рекол Курти и додал дека Западот не врши доволно притисок врз Белград.
Курти ги обвинил Србија и Русија дека водат хибридна војна против Приштина и се пожалил дека косовската опозиција, наводно, е во сојуз со Белград.
- „Приоритет на Косово е Европската унија да ги укине санкциите и да влезе во Советот на Европа и во НАТО, а за членството во ЕУ ќе биде потребно повеќе време. Приштина купува оружје од САД, Велика Британија и Хрватска, а планира да изгради фабрика за муниција. Се подготвуваме да влеземе во НАТО и да го принудиме нашиот непријател Србија добро да размисли пред повторно да нè нападне, затоа што нè нападнаа неколку пати во минатиот век“, се пожалил тој.
- Прашан за војната во Украина, тој рекол дека Западот мора да му испрати на Киев повеќе оружје и муниција и сè што ќе побара, бидејќи во Европа не можело да има мир сè додека постои „експанзионистичка, империјалистичка Русија“.
- „За овие три години можеше да се направи повеќе и сè уште е можно. Украина е борба во која може да се покаже надмоќта на западната воена моќ. САД можеа да испратат оружје до Талибанците во Авганистан за да можат да се борат против СССР, така што не гледам причина зошто сега не ја вооружуваат демократската влада во Украина“, резонира Курти.
- Тој се пожали на растот на, како што вели, десничарскиот популизам во земјите како Словачка и Романија кои не го признаваат Косово и ги обвини хибридната војна и дезинформациите.