Илегалците кои охридската полиција ги фатила пред три дена без соодветни документи се приведени на објект кој се поврзува со екс шефот на тајната служба, а сега бизнисмен Сашо Мијалков.
На 14.04.2025 година во 13 часот, во близина на хотелски комплекс на улицата „Наум Охридски“ во Охрид, полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи „Запад“, привеле 13 албански државјани кои претходно, беа затекнати при изведување градежни активности, без да поседуваат соодветна дозвола за работа, пишуваше во соопштението на СВР Охрид.
Според информациите на expres.mk илегалните работници работеле на објект во градба на плажата Горица 3 кој се поврзува со Сашо Мијалков.
Од преземените мерки, констатирано е дека тие, на 14.04.2025 година, оствариле легален влез во државата но, не поседувале соодветни одобренија и дозвола за привремен престој по основ на работа, согласно член 80 од Законот за странци.
Албанските државјани немале ни сертификати кои биле обврзани да ги поседуваат согласно со предвидените норми за имплементацијата на Законот за ратификација на Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан.
По целосно документирање на настанот, Регионалниот центар „Запад“, ќе поднесе соодветна пријава, информираше портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
Во меѓувреме 25 граѓански организации бараат да се одземе дозволата за градба од Сашо Мијалков.