Американски војник загина во Босна и Херцеговина, каде што престојувал на одмор, објавија во неделата локалните медиуми по завршувањето на потрагата по настраданиот која траеше од саботата.
Американски државјанин го загубил животот на планината Маглиќ на која бил на планинарење со сопругата. Додека планинарел во саботата, тој се лизнал и паднал низ заледена карпа во провалија длабока неколку стотици метри.
Повикувајќи се на неименувани извори, порталот Dnevni avaz наведува дека најверојатно се работи за припадник на американската армија кој бил на должност во Италија.
Спасувачките екипи веднаш по добивањето на пријавата ја започнале потрагата, но поради тешкотијата на теренот дури во неделата наутро успеале да го пронајдат телото на повредениот Американец.
Ненад Икониќ од Планинската спасувачка служба на Република Српска (ГСС) претходно изјави дека несреќата се случила на надморска височина од околу 2.200 метри, а во потрагата била ангажирана екипа на ГСС од 12 лица, помогната од полицијата и цивилната заштита.
Истрагата за оваа трагедија ја води Окружното обвинителство во Фоча, кое ќе ги испрашува сведоците. Станува збор за лица кои престојувале на Маглиќ кога мажот починал, а се државјани на Словачка и Русија.