Обвинителството отвори случај за одлагањето на пепелта во РЕК Битола, односно дали тоа се врши според прописите, согласно еколошката дозвола.
Ова доаѓа откако жителите од овој регион по социјалните медиуми почнаа да објавуваат фотографии од огромен облак од прашина околу РЕК Битола.
Обвинителството на овој случај работи заедно со Државниот инспекторат за животна средина, од каде се вршат испитувањата. Откако Државниот инспекторат за животна средина ќе го заврши целосниот извештај, Обвинителството ќе донесе одлука во врска со овој случај.
„ОЈО Битола издаде наредба до СВР Битола за увид на лице место и утврдување факти за евентуално постоење на кривично дело кое се гони по службена должност. Државниот инспекторат за заштита на животната средина изврши вонреден инспекциски надзор, при што веќе беа утврдени определени недостатоци во однос на мерките за спречување и намалување на емисијата на прашина на одлагалиштето за пепел“, соопштија од ОЈО Битола.
Станува збор за токсична и радиоактивна пепел што се добива при процесот на производство на електрична енергија, која треба да се одлага во касети и да се затрупува со земја. Но, посебно при ветровито време, таа се разнесува низ воздухот, а оваа појава е видлива и од Битола.
Во РЕК Битола веќе се работи на отстранување на пепелта која не е соодветно депонирана.