Владици на МПЦ – ОА и на БПЦ заеднички го одбележаа денот на Светите Кирил и Методиј на 11 мај 2025 година, кога Бугарската православна црквата, по календар, го празнува споменот на Светите рамноапостолни. Ова е прв голем настан меѓу МПЦ-ОА и БПЦ, а кој е поврзан со заедничко чествување на настани кои ги обединуваат двете дежави и произлегуваат од договорот за Добрососедство. Историската комисија меѓу Скопје и Софија веќе постигна согласност за заедничко чествување на браќата Кирил и Методиј, како дел од задничката историја и овој настан има историско значење, пренесе Религија.мк
Во навечерието на празникот, на вечерната богослужба во Соборниот храм Свети Петар и Павле во Силистра, началствуваше Митрополитот Преспанско-Пелагониски Петар, во присуство на домаќинот, Митрополитот Доростолски Јаков и неговиот викарен Епископ Борис.
На самиот ден на празникот, на Божествената Литургија, началствуваше Митрополитот Доростолски Јаков, во сослужение со Митрополитот Преспанско-Пелагониски Петар, Митрополитот Кумановско-Осоговски Григориј, пензионираниот Митрополит Кумановско-Осоговски Јосиф, како и со Викарниот Епископ Велички Никола и викарниот Епископ на Доростолската Епархија Борис. На Светата Божествена Литургија сослужуваа и свештеници и ѓакони од Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и Бугарската Православна Црква.
Оваа заедничка молитвена радост беше сведоштво за духовната поврзаност на двата православни народи, Македонскиот и Бугарскиот, кои преку светото дело на Светите Браќа Кирил и Методиј се втемелија во Христовата вистина, стои во соопштението на Преспанско-пелагониската епархија.