„Обвинетите заслужуваат не само правна, туку и морална осуда бидејќи се работи за убиство на дете. Обвинетите сковале план да се грабне возило кое може да се движи незабележано, но и лицето да живее само за да не биде веднаш барано. Го избрале Панче бидејќи неговиот цитроен бил со голем гепек. На 22-ри го грабнале и убиле Панче. На 24-ти ноември се обиделе, но не успеале да ја грабнат Вања. Истото го повториле на 27-ми ноември откако претходно таткото на девојчето го информирал Палевски дека Вања сама ќе оди на училиште. Го извршиле грабнувањето и ја убиле Вања која го обожавала татка си и пишувала состави за него“.
Ова денеска го кажа обвинителката Жаклина Јосифовска во завршните зборови од судењето за убиствата на 14-годишното девојче и велешкиот пензионер.
За Палевски, Јосифовска рече дека од страв да не биде фатен отишол за Белград, иако немал закажано никаков преглед.
-Обвинителството ги докажа сите дела кои им се ставаат на терет на обвинетите, рече Јосифовска.
Таа дополни дека врз обвинетите не е вршено никакво насилство и оти вина има и Александар Ѓорчевски.
-Таткото на Вања им ги дал на обвинетите информациите за движењето на девојчето. Неговото однесување било чудно, постојано зборувал дека Вања е киднапирана, рече Јосифовска.