Полицијата во Меѓимурје во Хрватска по барање на надлежното државно обвинителство покрена кривична истрага против 51-годишна жена поради сомнение дека сторила повеќе кривични дела измама и фалсификување исправи. Претставувајќи се како висок службеник во банка, 51-годишна жена измамила повеќе лица за над 1,5 милиони евра договарајќи лажни повластени заштеди, соопшти полицијата на Меѓумурје.
Таа се товари дека од јануари 2013 година до април 2024 година, во својство на вработена или поранешна вработена во банката, лажно се претставувала пред оштетените како високопозиционирана службеничка за да прибави значителна материјална корист за себе. Осомничената им понудила на оштетените можност за договарање на повластени орочени заштеди на парични средства со високи каматни стапки. Некои од оштетените и предале парични средства во готовина, а други по препорака на осомничената подигнале ненаменски кредити од банката.
51-годишната жена не ги уплатила предадените пари во трезорот на банката, туку ги задржала за себе и ги искористила за да отплати свои долгови кон други луѓе и претходно преземените обврски кон други лица, открила полицијата.
За да ги убеди оштетените во законитоста на понудата, односно дека нивните пари се депонирани во банка, таа им дала лажни договори за штедење на определено време, делумно ги отплатила месечните рати од кредитот и плаќала камата.
На овој начин, таа оштетила неколку десетици луѓе од подрачјата на Вараждин, Лика-Сењ, Дубровник-Неретва и Загрепски жупании, како и градот Загреб, за вкупно над 1,5 милиони евра.
Против 51-годишната осомничена ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното државно обвинителство.