Необична и ретка појава го привлече вниманието на капачите во близина на Дубровник – во морето кај островот Локрум беше снимен кит, што предизвика вистинска сензација на плажите, пренесуваат хрватските медиуми.
Појавата на џиновското морско суштество предизвика мешани реакции. Додека дел од капачите коментираа дека ќе избегнуваат влегување во морето наредните денови, на социјалните мрежи не изостанаа и шеговитите коментари. „Од денес, набљудување на китови од брегот – 250 долари“, гласеше една објава што насмеа многумина. Друг корисник се надоврза: „Ќе поставам сепаре за 300 евра“.
Според проценките, се работи за перкаст кит – вториот најголем вид на кит во светот, веднаш по синиот кит. Овој вид може да достигне должина до 26 метри и тежина до 70 тони. Карактеристичен е по издолженото и елегантно тело, како и по асиметричната боја: едната страна му е светла, другата темна. Тој е и еден од најбрзите китови, способен да развие брзина и до 40 километри на час.
Иако овие морски џинови главно живеат во длабоките делови на океаните, понекогаш знаат да залутаат и во плитките води на Јадранското Море – појава што е навистина ретка и предизвикува голем интерес кај јавноста.