Македонија не е ништо задолжена, туку напротив, ако ги гледате податоците долгот е намален, рече премиерот Мицкоски во интервјуто за емисијата „Објектив“ на Македонската телевизија, коментирајќи ги обвинувањата дека со последниот договор со Обединетото Кралство долгот на државата е зголемен.
Теоретски утре да почнеме да градиме, првата фактура ќе пристигне во 2027. Колку бргу ќе градиме, колку ефикасно ќе градиме, така ќе расте и нашиот бруто домашен производ, затоа што во градежништвото барем 3 пати ги вртите парите. Расте градежништво, расте индустриско производство, растат услуги итн. Како ќе расте нашиот номинален БДП, така ќе доспеваат обврските и така ќе се повлекуваат средствата. Значи ние нема да ги повлечеме, да ни стојат на сметка и сега ние наеднаш ќе го кренеме долгот на државата без да го кренеме номиналниот БДП-истакна Мицкоски.
Премиерот увери дека на крајот на годината ќе има намалување на долгот, а потсети дека во изминатата година се вратени и долгови кои биле направени во минатото.
Државата е раздолжена со неколку проценти, споредено со тоа што го затекневме. Вративме обврзница од половина милијарда евра што ја земала претходно СДСМ во 2018 година. Се е на транспарентен начин. Еве Министерството за транспорт доби барање од јавното претпријатие МЖ Транспорт и Инфраструктура да обезбеди средства за овој проект, тие се обратија до финансии, Финансии добија задолжение од Владата, ова се условите, тие ги понуди на 20-тина финансиски институции и банки, која ќе даде најдобри услови-тие услови ние ќе ги искористиме. А кој се условите, бидејќи велат 1,5 пати ќе ги враќаме тие пари? Ако се водиме по грубата математика и ако го користиме нашиот кредитен рејтинг ББ-стабилен тогаш можеби би вратиле 75% низ камати. Но што прави Обединетото Кралство? Ни вели ние за вас ќе гарантираме со нашиот кредитен рејтинг, а вие ќе ги користите средствата преку UK export finance, а нивниот рејтинг е ААА, што значи дека на меѓународниот пазар на пари нивните услови се барем 2 до 3 пати поповолни од нашите-заклучи премиерот Мицкоски.