Моменталната состојба во Кочани не е ништо подобро отколку од деновите после несреќата. Напротив, таа се влошува, бидејќи на некој начин имаме институционална криза, имаме револт којшто е оправдан од родителите на починатите деца и родителите на повредените деца. Гледаме со каква голгота се соочуваа многумина од повредените, вели градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски, во интервју за „Слободна Европа“. Тој посочи дека граѓаните живеат „од што се мора“ и предупреди дека во градот сè уште функционираат угостителски објекти по примерот на „Пулс“, без соодветни дозволи.
-Ако се случи нова несреќа, кој ќе биде одговорен, прашува тој.
Крстевски најави дека општината ќе го следи судскиот процес против 34 обвинети за трагедијата. Тој апелираше за институционална одговорност и ги повика надлежните инспекторати и државни служби да постапат.
– Жално е ако оваа трагедија не ги освести институциите – тогаш беше залудна. Јавноста во Кочани будно ќе го следи овој процес и нема да дозволиме да се тргува со жртвите, потенцира тој.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски изјави дека се подготвува нов закон за угостителска дејност согласно кој казните ќе бидат поригорозни. Тој посочи дека од 17 март до 15 јуни годинава, се извршени се 1 713 надзори и издадени 716 прекшочни налози и 60 решенија за привремена забрана за вршење на угостителска дејност. Според податоците на ДПИ, во главниот град нема ниту еден објект валидна лиценца за кабаре или диско клуб, додека на ниво на цела држава има 14 валидни лиценци.