Во текот на вчерашниот ден на територијата на државата имало вкупно 20 пожари на отворен простор, од кои два сè уште се активни, информираа од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Станува збор за пожарот кај селото Башиште на територијата на општина Прилеп и огнената стихија меѓу селата Грчиште и Марвинци во општина Валандово, а во овој регион пожар има и во општина Богданци, на потегот од браната Паљурци до селото Богданци, каде што горат ниска вегетација и грмушки.
Како што информираат од ЦУК, кракот кај селото Градешница во општина Новаци е ставен под контрола.
Дека пожарот кај селото Грчиште не е ставен под контрола, синоќа информира и заменик-директорот на Јавното претпријатие „Македонски шуми“, Кире Михаилов, кој во објава на социјалните мрежи напиша дека вчера бил запрен налетот на огнената стихија која малку навлегла и во селото, поради што биле евакуирани жители.
Според него, пожарот има четири критични точки кои денеска треба да бидат покриени.
„За жал, во пожарот лесно беа повредени и двајца колеги од ЈП ‘Македонски шуми’, при што на едниот му беше дадена кислородна поддршка, а другиот беше пратен во Општата болница Струмица за понатамошна помош“,вели Михаилов.
Тој додава дека во текот на денешниот ден приоритет ќе биде заштитата на селата Марвинци и Балинци, а потоа, како што вели, сè останато.