Шведската активистка за животна средина и климатски промени Грета Тунберг веќе втор ден престојува во земјата. Таа вчера го посети Општествено-културниот центар во Тетово, што служи како инклузивен простор за младински иницијативи.
Преку социјалната мрежа Инстаграм таа потврди дека денеска се наоѓа во Скопје.
Во видео-обраќањето рече дека ќе се приклучи на дискусијата што вечерва треба да се одржи во Социјалниот центар „Дуња“ во Скопје, именувана како „Стоп за воената машинерија: Борбата против империјализмот и капиталистичките војни“.
Веднаш потоа, додаде и дека ќе учествува на утрешна протестна блокада за спас на реката Дошница на Кожуф
На почетокот на обраќањето рече дека она што се случува во Газа не е изолирано од климатската криза. Според неа, тоа е истиот насилен систем изграден врз екплоатација, окупација и профит над животот.
Потоа кажа дека се наоѓа во Скопје, а дека вчера македонскиот парламент гласаше против хуманитарна помош во Газа.
„Мора да застенеме солидарно, да се поврземе и да се спротивставиме заедно“,кажа таа.
Обраќањето го заврши со најавата дека денеска ќе се приклучи на дискусија во Социјалниот центар „Дуња“ во Скопје, а утре на протестната блокада за спас на реката Дошница.
Активисти од цела држава веќе 30 дена го блокираат патот кон ски-центарот на планината Кожуф, протестирајќи против изградба на мали хидроцентрали на реката Дошница. Тие не дозволуваат да започнат градежните работи на локацијата каде е планирана мала хидроелектрана на реката Дошница. Велат дека ќе останат на терен, се додека Владата не ја укине дозволата за градење на оваа планина.