Ќе се бираат нови кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права. Владата ја поништи претходната предлог листа на која во потесниот круг влегоа Обвинителката Ленче Ристоска, судијката Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски. Разрешена е и комисијата која го спроведуваше изборот..
Одлуката предизвика реакции кај дел од поранешните кандидати, кои сметаат дека е прекршена процедурата утврдена од Советот на Европа.
„Сметам дека секој чекор кој се презема мора да биде транспарентен, образложен и, во согласност со принципите на правичност и правна сигурност. Од тие причини сметам дека треба да бидеме информирани кои услови не ги исполнуваме“, вели за Сител, судијката Габриела Гајдова.
Обвинителката Ристоска пак вели, „Погрешно е расудувањето на Владата дека со некоментирање на поединечните кандидатури се сочувува интегритетот на процесот и нашиот поединечен интегритет. Сосема спротивно, со ова се напаѓа интегритетот на сите кандидати, а се остава и сомнеж за вистинските причини и намери на Владата“.
Претходниот член на комисијата, судијата Осман Кадриу, изненаден од потегот на Владата, смета дека доколку имало забелешки, можело да се побара дополнување на предлогот, а не целосно поништување.
Со новиот предлог, наместо претходните девет, сега комисијата за избор на судија за судот во Стразбур ќе брои пет члена – претседателите на Уставниот, Врховниот, Граѓанскиот и Кривичниот суд, како и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители.
Извор: Сител