Безбедносната состојба е стабилна и под контрола, изјави претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова по состанокот на Советот за безбедност во Вила Водно кој траеше повеќе од два и пол часа.
Како што рече на прес-конференција, се зборувало „за безбедносните дилеми во светот“ кои, рече, „ги засегаат сите држави па и нашата’.
-Од воведните излагања и од средбата заклучокот беше дека, сепак, регионалната безбедност е стабилна и под контрола во земјава и не се очекуваат некакви безбедносни проблеми и дилеми. Главно се говореше за состојбата во регионот, она што се случува во Босна и Херцеговина, каде што често слушаме сецесионистичка реторика, институционалната криза во Косово поради неможност да се конститурираат органите, како и во соседна Србија каде има низа сериозни проблеми. Но од аргументите, од податоците што ги имаме, заклучокот е дека, сепак, и покрај овие проблеми и предизвици не се очекува тие да се одразат врз македонската безбедносна состојба, истакна Сиљановска-Давкова.
Во однос на состојбата на Блискиот Исток, посочи дека кај сите присутни на состанокот биле „неподелени ставовите за потреба од мир“. Рече дека за тоа немаме сигурни гаранции зашто „преговорите се во тек па се прекинуваат“.
-Честопати велам очекував поангажирана и поактивна Организација на Обединетите нации која, за жал, е маргинализирана, рече претседателката.
За пожарите низ земјава посочи дека се под контрола во моментов и дека не се должат само на високите температури туку има „основано сомнеиние дека се намерно предизвикани“.
-Останува дилемата дека се намерно подметнати, но не можам да зборувам за тоа додека нема докази и додека имаме предистражна постапка, изјави Сиљановска-Давкова.
На прес-конференцијата , таа кажа дека состојбата е под контрола со пожарите кои се гасат со ангажман на домашните институции, кои се коориднирани, меѓу кои и војската, но и со помош од Европа.
Како што рече, од Владата била информирана за систем за превенција на кој работат, употреба на камера и дронови „со кои точно би се лоцирале опасностите, па и извршителите“ и дека изложиле низа мерки што во иднина ќе ги имплементираат – од промена на Закон за справување со кризи и ангажирањеволонтери, при што напомена и дека се оспособени возила што се употребуваа за воени цели, а денес се користат на теренот.
Предложен е, додаде таа, нов проект, современ информативен систем за временски непогоди кај нас, со помош на ВИ и пресметки со кои, рече, може однапред да се предвидат низа ситуации.
На Советот за безбедност се зборувало и за евроинтеграциите.
Во одговор на новинарско прашање за барањето на опозициската СДСМ да не ги потпишува указите за законите за полиција и за внатрешни работи бидејќи, според нив, се укинува професионализмот и полицијата ќе биде под директна команда на министерот за внатрешни работи, таа истакна дека ги добила законите од Собранието и веднаш ги дала на мислење, и оти штом ги разгледа ќе даде свое мислење.
Во однос на случувањата на Блискиот Исток и кризата во Газа и каков ќе биде ставот на земјата во однос на прашања како извозот на оружје за Израел и најавите од повеќе влијателни држави за признавање на Палестинската држава и сл., Сиљановска-Давкова одговори дека за таа тема немало дискусија, бидејќи требало да реферира министерот за надворешни работи Тимчо Муцнски, но тој не присуствувал на состанокот. Притоа таа посочи дека сите биле едногласни дека е потребно да се почитуваат нормите на меѓународното право, да се воспостави трајно решение и траен мир, дека човековите права се неприкосновени и оти е потребно ОН да имаат поголема улога.
Членови на Советот за безбедност по функција се: Африм Гаши, претседател на Собранието; Христијан Мицкоски, претседател на Владата; Панче Тошковски, министер за внатрешни работи; Владо Мисајловски, министер за одбрана; Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија и тројцата членови именувани од претседателката: Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска-Јорданова и Владо Спиридонов.
На втората седница на Советот за безбедност, на покана на претседателката Сиљановска-Давкова, беше најавено и присуството на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски; директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.