Министерот за одбрана Владо Мисајловски по повод најголемиот македонски празник, положи цвеќе пред Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, место кое ги чува спомените на оние кои со неуморна борба и страст ја изградиле основата на современата Македонија.
Илинден е денот кога не само што го славиме историскиот успех на нашите предци, туку и се потсетуваме на нивната храброст, визија и борба за слободата на Македонија, потенцира во објавата.
По повод денешниот празник „2-ри Август Илинден“, потпишав решенија за парични награди и стимулативни мерки за припадниците во Армијата и вработените во Министерството за одбрана кои дадоа свој посебен придонес во изминатиов период, особено на припадниците на Армијата кои секогаш одговорно и професионално беа и сe во поддршката на граѓаните и институциите, со цел заштита на здравјето, животот и добрата на луѓето и безбедноста на државата при секоја природна катастрофа, кризна и вонредна состојба. Нивната пожртвуваност и храброст заслужуваат длабока почит и признание и се искрено вреднувани од сите нас, истакна Мисајловски.
Им изразувам искрена благодарност! За многу години празникот! Да ни е вечна и вековита Македонија!, додаде министерот Мисајловски.