„Шест тениски кралеви“ се во Ријад, каде се дел од скапата егзибиција, која трае веќе неколку дена, а се одржува за прв пат.
Турки Ал Шеик, саудискиот милијардер кој беше задолжен за организација на турнирот „Six Kings Slam“ ја искористи можноста да се дружи со најдобрите тенисери на денешницата.
Таа средба ја одбележа и слика, која Ал Шеик ја објави на својот Инстаграм, каде инаку е многу активен.
„Со легендите: Надал, Ѓоковиќ, Алкараз, Синер, Руне и Медведев. Шест кралеви. Еден терен“, напиша Турки Ал Шеик во описот.
Инаку, секој тенисер за својот настап на оваа изложба доби по 1,5 милиони долари, додека победникот ќе добие шест милиони долари. Медевдев и Руне се веќе елиминирани, за третото место денеска ќе играат Ѓоковиќ и Надал, додека во финалето се Алкараз и Синер.
Кој е саудискиот милијардер Турки Ал Шеик?
Саудиска Арабија е подложена на либерални промени во последниве години, особено во секторите спорт, забава и уметност. Еден од најголемите виновници е Турки Ал Шеик.
Тој е советник на Кралскиот двор, рангиран како министер и претседател на Општата управа за забава. Познат е и како претседател на Исламската спортска федерација за солидарност, а беше сопственик на египетскиот клуб Пирамиди од 2018 до 2019 година, кога стана сопственик на шпанска Алмерија.
Ал-Шеик се опишува себеси и како поет и писател, а има 28,6 милиони следбеници на Инстаграм.