Според прелиминарните резултати, мнозинството од гласачите во Молдавија гласале „против“ на референдумот за потенцијално членство во Европската унија, што изгледа како отфрлање на проевропската политика на претседателката Маја Санду.
Санду во изјава рече дека гласањето било нападнато од „криминални групи“ кои се обиделе да купат стотици илјади гласови во обид да го „поткопаат демократскиот процес“, објави молдавскиот сервис на Радио Слободна Европа.
„Криминални групи, кои дејствуваат заедно со странски сили, непријателски настроени кон нашите национални интереси, ја нападнаа нашата земја со десетици милиони евра, лаги и пропаганда со цел да ја заробат во неизвесност и нестабилност“,рече Санду во Кишињев.
На референдумот граѓаните беа прашани дали „ја поддржуваат измена на уставот со цел пристапување на Република Молдавија во Европската унија“.
Во моментов 49,9 отсто од гласовите се „за“, а 50,1 отсто од гласовите се „против“, со преброени околу 97 отсто од гласовите.
Во соопштението од Санду се вели дека ги чекаат конечните резултати и ќе одговорат со цврсти одлуки.
Санду, како што пренесува Би-би-си, рече дека нејзината влада има „јасни докази“ дека биле купени 300 000 гласови, што таа го нарече „измама од невидени размери“.
Молдавија во моментов е во преговори со ЕУ за да стане членка. Овие пристапни преговори ќе продолжат и покрај неделниот исход, бидејќи референдумот не беше правно обврзувачки.
Покрај на референдумот, Молдавците вчера гласаа и на претседателските избори во земјата.
На претседателските избори, Санду освои најмногу гласови меѓу 11 кандидати. Таа доби 37 отсто од гласовите од пребројани 90 отсто гласови, додека противкандидатот Александар Стојаногло 28 отсто, што е многу повеќе отколку што имаше во анкетите пред гласањето. Ренато Усати, поранешен популистички градоначалник на вториот по големина град во Молдавија, Балти, е на трето место со околу 14 отсто, објави Централната изборна комисија.
Бидејќи ниту еден кандидат не добил повеќе од 50 отсто од гласовите, Санду и Стојаногло ќе се соочат во вториот круг на 3 ноември.