Поднесени се уште пет обвиненија против Шон Диди Комбс. Адвокатот Тони Базби поднесе нови тужби во кои тужителите, кои останаа анонимни, тврдат дека Комбс сексуално ги нападнал и ги силувал во различни инциденти помеѓу 2000 и 2022 година.
Меѓу тужителите има двајца мажи и три жени, од кои едната тврди дека имала 13 години кога Комбс ја силувал.
Покрај тоа, Комбс е обвинет и за дрогирање на еден маж и три жени, пренесува Ен-би-си Њуз.
Базби рече дека планира да поднесе вкупно седум тужби, велејќи дека секоја тужба ќе зборува сама за себе и дека ќе работи за правдата да биде задоволена. Тој најави дека редовно ќе се поднесуваат нови обвиненија додека продолжуваат да се собираат докази против Комбс и други.
И покрај негирањето на сите наводи, адвокатскиот тим на Комбс останува уверен во неговата невиност и интегритетот на судскиот процес, нагласувајќи дека Комбс никогаш не нападнал никого сексуално. Неговото судење е закажано за 5 мај 2025 година, а моментално е во притвор бидејќи три пати му била одбиена кауција. Федералните обвинители истражуваат повеќе од 90 уреди запленети од неговиот имот.
Да потсетиме, Диди е уапсен во Њујорк и е во притвор и се соочува со обвинувања дека сексуално напаѓал жени и ги терал да учествуваат во секс забави и да користат дрога користејќи закани и насилство.