Денеска се слави празникот Света Преподобна Параскева, позната и како Света Параскева и како Мајка Параскева. Култот кон оваа светица кај нас обично е прославен кај жените, а се смета и за еден од потешките празници.
Света Петка била родена кон крајот на X век, во петок, денот кога Евреите се подготвуваат за празнување на празникот Сабат (сабота), па затоа родителите ѝ го дале името Параскева, што значи подготовка.
Родителите ѝ биле богати христијани од словенско потекло, а освен Петка имале уште еден син, Ефтимиј, кој се замонашил и станал епископ Малитски.
По смртта на родителите Петка го напуштила домот на родителите и отишла најпрво во Цариград, а потоа и во Јорданската пустина, каде што останала до својата старост.
Петка водела долг живот во пустината, каде деновите ги поминувала во молитва.
На иконите на коишто е прикажана Света Петка, најчесто стои написот: „Верувам во еден, единствен Бог и во Светото тројство“.
Овој ден се смета за тежок празник, па христијанските верници сметаат дека задолжително треба да се оди во црква, да се запали свеќа, а често се носат и дарови во вид на масло за јадење, облека и слично.
Исто така, во некои краишта постои уште еден обичај, познат како „петолебие“ кога во црква се носат пет леба. Ова се прави во чест на настанот од Библијата кога Исус Христос со пет леба нахранил 5.000 луѓе.
Петте лепчиња се осветуваат, при што едно му се враќа на верникот, а другите 4 остануваат во црквата.
Се верува дека на овој празник треба да се воздржуваме од тешка, физичка работа и денот да го посветиме на молитва.
Куќната слава посветена на оваа светица уште се нарекува и „Петковден“.
Инаку се верува дека ако Света Петка ви се појави на сон како жена во црно со крст, таа доаѓа за да ве утеши и да ви донесе убави вести, или пак за да ве предупреди да промените некои лоши навики.