Унгарската нискобуџетна авио-компанија „Визер“ укина три авиолинии од аеродромот во Скопје, до Келн, Копенхаген и Стокхолм, со стапување на сила на зимскиот распоред.
На сајтот на авио-компанијата повеќе ги нема овие дестинации и не можат да се купат карти, а нема информации дали повторно овие линии ќе бидат пуштени на пролет со летниот ред на летање.
„Визер“ се повлекува од Келн поради високите цени за услуги и давачки што ги воведе аеродромот Келн-Бон. За да се надомести интересот за тој дел од Германија, компанијата ќе ги зголеми фрекфенциите од Скопје за Дортмунд, па така во ноември и декември ќе има летови по шест пати неделно, а во шпицот околу Нова година и Божиќ ќе лета секој ден до овој град во Северна Рајна Вестфалија.
На патниците што летаа за Копенхаген во Данска, сега им останува можноста да летаат до соседниот аеродром Малме во Шведска, но засега „Визер“ не го има зголемено бројот на летови. Стокхолм останува непокриен за патниците што досега летаа до главниот град на Шведска.
Претходно, министерот за транспорт Александар Николоски најави дека во 2025 ќе бидат воведени шест нови линии.
Од Скопје ќе се лета до Дубаи, Барселона, Лион, Штутгарт, а од Охрид кон Истанбул и Базел Милхауз.