Спасувачите во Шпанија ги извлекуваат мртвите бебиња од поплавите што ја зафатија таа европска земја. Досега се извлечени телата на најмалку две бебиња, а бројот на загинати во невидените поплави надмина 50.
Како што јавија локалните медиуми, спасувачите ги извлекле телата на четири лица, двајца мажи, една жена и едно бебе, во градот Паипорта. Во градот Торент спасувачите пронашле пет безживотни тела, меѓу кои и бебе.
Најтешко беше погодена Валенсија, каде неколку лица се уште се водат како исчезнати.
Туристите кои дојдоа да ја посетат Валенсија велат дека биле заробени во возилото речиси 10 часа. Виталиј Фарафонов и неговата сопруга биле во посета на Валенсија кога полицијата синоќа околу 20 часот ги извлекла од автопатот.
„Беше хаос. Изброивме девет или 10 превртени камиони на дел од автопатот за помалку од еден километар. Никогаш не сме виделе такво нешто“, рече Фарафонов.
Снимките кои кружат покажуваат како луѓе се обидуваат да се спасат од поплавите качувајќи се на дрвја. Властите користат хеликоптери за да ги спасат жителите од нивните домови.
Други видеа споделени од шпанските радиодифузери покажуваат дека водата навлегува во куќите додека автомобилите ги носи низ улиците.
Радио и ТВ станици добија стотици повици за помош од луѓе заробени во поплавените подрачја или во потрага по најблиски, бидејќи службите за итни случаи не можеа да стигнат до сите погодени локации.