Велешката полиција до Обвинителството поднесе кривична пријава против А.Б.(33) и 30-годишната А.С., двајцата од село Мелница, општина Чашка, поради злоупотреба на службената положба и овластување.
А.Б., вработен во Управата за водење на матични книги, издавал изводи и поднесувал барања за изводи за лица кои не се присутни во државата, односно за лица државјани на Република Турција, што е спротивно на Законот за водење на матични книги. Тој во период од три години посредувал при поднесување на документација за лица кои сакале да се стекнат со македонско државјанство и од лице се стекнувал со противправна имотна корист од 400 до 800 евра. На тој начин бил оштетен државниот буџет“, објави МВР.
А.С., вработена како советник за државјанства во Министерството за внатрешни работи, примала документи – барања за прием во државјанство за лица кои бараат државјанство по потекло, без да бидат присутни и лично да го поднесат барањето, што е спротивно на Законот за државјанство. Таа ја примала целата документација, која претходно била доставувана кај првопријавениот и кој ја доставувал кај неа.