Уникатно дизајнирани уметнички парчиња од 25 македонски модерни ракотворци ќе бидат изложени на Дизајн маркетот во „Јавна соба“ во сабота и недела од 10 до 18 часот. Посетителите на Дизајн маркетот ќе имаат можност да погледнат и купат парчиња рачно изработен накит, аксесоари изработени од кожа, маици со оригинални принтови, воздушни билки, керамички, и дизајни изработени од дрво, различни аксесоари, облека со автентични детали…
Бројот на современи креативци, во чии производи е компримиран нивниот авторски печат се повеќе се зголемува. Внимателно направениот избор на учесници е со единствена цел да се поддржи занаетчиство на оригинални производи.
Продуктите се оригинални, со потпис од познати македонски ракотворци: Монкдолс, Витрум Студио, Вудис, Ларго, Елена Ристовска, Ваша мала башта, Епокси, Солар Криешнс, Панорамикс, Мамка, Игнеа Козметикс, Цип/Ред, Гаиа, Слога, Зен Зил, Монозеро, Кејт Стардаст, Глигор Кузмановски, Добро ми стои, Блум, Сербез, Стичми везење, Сираледер, Азсу Аксесориз и Софија Огњановска.
Овој настан е во рамките на “Скопје дизајн вик”, кој завршува во недела со забава во Литертура.мк во Дајмонд мол, со DJ Дарко Марковски.
“Скопје дизајн вик” е дел од европската мрежа на манифестации за дизајн во друштво на “Миксер” од Белград, “What Design Can Do” од Амстердам, “Барселона дизајн вик” и Австрија “Дизајн”. Сите платформи во фокус ја ставаат Зелената агенда и еко дизајнот на идните млади дизајнери под мотото Next Gen Design. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и Европската комисија.