Сеопфатна анализа на јазови на правната и политичката рамка која ги одредува потребите за развој на модел на циркуларна економија во Тиквешкиот регион, идентификуваше критични области за подобрување во управувањето со био-отпад од производство на грозје и вино во Тиквешкиот регион.
Документот кој е развиен во рамки на проектот „Развој на управување со органски отпад во производство на грозје и вино во регионот Тиквеш“, ја истакнува потребата од посилен рамковен систем за поддршка на иницијативите за управување со био-отпад во согласност со меѓународните и ЕУ стандарди.
Наоди од оваа анализа ќе бидат и дополнително дискутирани на конференцијата „Одржливост во производството на грозје и вино во Тиквешкиот Регион“ која ќе се одржи на 18.11.20204 од Хотел Дабл Три – Хилтон, Скопје со почеток од 10:00 часот. Конференцијата ја одбележува Европската недела за намалување на отпадот.
Иако производството на вино придонесува со 17-20% од бруто земјоделскиот производ во Северна Македонија, тоа генерира големо количество био-отпад што има негативно влијание врз животната средина. За време на одгледувањето и бербата на грозјето се создаваат околу 5 тони цврст отпад по хектар годишно. Целиот генериран био-отпад од лозјата моментално нееколошки се третира, со што секоја година во Македонија се согорува над 100.000 тони био-отпад, предизвикувајќи деградација на земјиштето и загадување на воздухот. Отпадот се третира на сличен начин и од страна на винопроизводителите и индивидуалните производители на грозје. Оваа пракса претставува проблем кој бара дополнителни напори, време и инвестиции од страна на властите и бизнисите.
Направената детална анализа се темели на комбинација од секундарни и примарни податоци, вклучувајќи преглед на политики, статистика, теренски посети и детални интервјуа. Со оваа анализа се детектираа јазовите на национално и локално ниво, со цел да се обезбедат препораки за подобрување на управувањето со био-отпад од производство на грозје и вино на следните нивоа: институционално, финансиско, структурно, технолошко, култура и менталитет. Врз основа на наодите, во консултација со членовите од работната група за секој јаз се креираше препорака за негово надминување. Препораките се однесуваат на подобрување на политичката рамка, зголемување на институционалните капацитети, унапредување на инфраструктурата, промовирање на инструментите за циркуларна економија и развој на ресурсите за циркуларноста во Тиквешкиот регион. Истите ќе бидат користени како насоки за унапредување на моменталната состојба на локално и национално ниво, во поглед на воведување на принципите на циркуларната економија.
Проектот „Развој на систем за управување со органски отпад во производство на грозје и вино во тиквешкиот регион“ се спроведува како дел од програмата за соработка со бизнис секторот develoPPP.de, а се реализира со финансиска поддршка на Сојузното министерство за економска соработка и развој на Германија (BMZ) во партнерство со компаниjата Винарија Бовин, имплементиран преку Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) и Центар за истражување и креирање политики (ЦИКП)