Американската технолошка компанија Apple се согласи на спогодба со корисниците кои ненамерно биле шпионирани од нејзиниот гласовен асистент Siri и ќе им плати вкупно 95 милиони долари за претрпената штета.
Предложената спогодба, според која сопствениците на производите на Apple со помошникот Siri би можеле да добијат до 20 долари по уред, мора да биде одобрена од американски суд, пренесува Bloomberg.
Потенцијалната исплата би се однесувала на корисниците на Apple во Соединетите држави кои купиле уред на Apple помеѓу 17 септември 2014 и 31 декември 2024 година, а дополнително се бара да сведочат под заклетва дека случајно го активирале Siri за време на доверлив или приватен разговор.
Сомнеж за неочекувано активирање на асистентот
Оригиналната тужба против Apple уследи по извештајот од 2019 година на весникот Гардијан, во кој се тврди дека луѓето задолжени за контрола на квалитетот на асистентот Сири имале можност да слушаат доверливи информации за здравјето на луѓето или сексуалните односи на паровите, како и да слушаат други приватни информации на корисниците.
По правило, Siri се активира со кажување одредени зборови, но многумина тврдат дека понекогаш се активира сосема неочекувано, па така ненамерно ги снима корисниците, пренесува порталот The Verge.