DHL EXPRESS привремено ја прекинува испораката на пакети во САД чија вредност надминува 800 долари (околу 750 евра) поради „големото зголемување на бирократијата“ на американската царина по воведувањето на новите тарифи што ги донесе администрацијата на Доналд Трамп.
Компанијата соопшти дека од понеделник „до понатамошно известување“ ќе престанат да доставуваат стоки до американските потрошувачи од сите делови на светот, пишува Би-би-си.
Испораките меѓу компаниите (business-to-business) ќе продолжат да се одвиваат, но може и да доцнат, предупредува DHL, пренесува Индекс.
Досега, пакетите вредни до 2.500 долари можеа да влезат во САД со минимална документација, но од почетокот на месецот, со новите правила, тој праг е намален на 800 долари. DHL вели дека ова доведе до „наплив на потребата за формални царински процедури“ со кои нивните тимови сега се справуваат „деноноќно“.
Иако работат на проширување на капацитетите за да се задоволат новите барања, тие предупредуваат дека сите пратки вредни повеќе од 800 долари, без оглед на земјата од која пристигнуваат, може да доживеат доцнење од неколку дена.
За пакети вредни до 800 долари, се останува како досега – може да се испратат со минимални проверки.
Наскоро доаѓа ново заострување. Белата куќа објави дека на 2 мај ќе го укине таканареченото правило „de minimis“ кое дозволуваше мали пратки, особено од Кина и Хонг Конг, да влезат во САД без царина.
Оваа промена особено ќе влијае на популарните онлајн трговци како што се Shein и Temu, познати по нивните ниски цени и брза испорака. И Shein и Temu веќе ги предупредија своите корисници дека поради новите светски правила и тарифи ќе бидат принудени да ги зголемат своите цени.
Администрацијата на Доналд Трамп тврди дека многу испраќачи од Кина „кријат забранети супстанции и погрешно ја прикажуваат содржината на пратките за да избегнат инспекции“.
Како дел од новата извршна наредба, Белата куќа соопшти дека мерките се насочени кон борба против „синтетичкиот синџир на снабдување со опиоиди“, за кој тие тврдат дека „игра главна улога во опиоидната криза во САД“.
Од друга страна, Кина вели дека проблемот со опиоидите, вклучувајќи го и фентанилот, е проблем на САД и дека токму Кина ги има „најстрогите правила за борба против дрогата во светот“.
Минатата недела „Хонг Конг Пост“ објави дека ќе престане да испраќа пакети во САД по морски пат, а од 27 април ќе престане да ги прима и сите пакети наменети за Америка. Во соопштението тие го опишаа американското однесување како „неразумно, насилно и злоупотреба на царинските прописи“.