На локалните избори ќе видиме каков ќе биде резултатот на опозицијата и ако биде добар, а ние како Влада бидеме поразени, веднаш ќе побарам распуштање на Парламентот и организирање предвремени парламентарни избори, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Во интервјуто за Радио Телевизија Косово, Мицкоски посочи дека разликата во рејтинзите како партии е 5:1, а во однос на личните рејтинзи со лидерот на опозицијата 10:1.
Локалните избори што треба да се одржат догодина за неполни десет месеци, според Мицкоски, се првиот тест.
Не е проблем да одиме на избори, бројките ќе бидат исти, можеби и полоши. Оваа Влада има легитимитет за четири години да го испорача тоа што го ветила кај граѓаните, но ако е потребно да се оди на избори и ако сметаат дека треба да се оди на избори, ние уште утре сме подготвени да одиме на избори. Догодина, за нецели десет месеци имаме локални избори. Тоа е првиот тест. Ако на локалните избори добиеме црвен картон од граѓаните веднаш свикуваме предвремени парламентарни избори, но ако добие опозицијата, конечно нека се реорганизира, вели Мицкоски.
Прашањето за предвремени парламентарни избори се покрена откако лидерот на опозицискиот СДСМ Венко Филипче од собраниската говорница за време на седницата за пратенички прашања го повика премиерот Мицкоски да го врати мандатот затоа што не ги исполнил ветувањата.