Може човек да биде дилер на дрога, може да се случи да биде фатен, може да биде и обвинет и осуден, а пак да не одлежи ниту еден ден во затвор.
Плусинфо ги објавува деталите за еден таков скандалозен случај, кој покажува како скопски обвинители и судии здружено работат да им го олеснат животот на криминалците.
На 31 август 2023 година, ден четврток, против Д.Ц. од Скопје, била поднесена кривична пријава за сторено кривично дело по чл. 215 ст.1 од Кривичниот законик. Станува збор за кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори. За ова кривично дело е запретена затворска казна од 3 до 10 години.
При претрес кај пријавениот била пронајдена наркотична дрога марихуана, со нето маса од 992 грамови.
Истиот ден, значи на 31 август 2023 година, од страна на Јавниот обвинител, на Записник КО бр. 2708/23, обвинетиот бил сослушан.
Јавен обвинител кој постапува по предметот КО бр. 2708/23 е Спасенка Андоновска, од Основното јавно обвинителство Скопје.
Јавниот обвинител, истиот ден, четврток (што значи дека не било во време на викенд или државен празник), со знаење на јавниот обвинител на ОЈО Скопје Гаврил Бубевски, до Основниот кривичен суд Скопје поднесува предлог за определување на мерката куќен притвор.
Зошто куќен, а не ефективен притвор? Ќе видиме после. Постапувањето во овој случај е внимателно испланирано, во интерес на обвинетиот.
Кривичниот суд Скопје, по поднесениот предлогот од ОЈО Скопје, истот ден, значи на 31 август 2023 година, носи Решение II КПП бр. 678/23, за определување куќен притвор.
Јавниот обвинител Спасенка Андоновска на 14 септември 2023 година поднесува Известување за завршување на истрагата до бранителот на обвинетиот.
На 25 септември 2023 година, од страна на ОЈО Скопје, од јавниот обвинител Спасенка Андоновска, до Основниот кривичен суд Скопје, е поднесен обвинителен акт КО бр. 2708/23, со предлог за продолжување на мерката куќен притвор спрема обвинетиот Д.Ц.
Зошто сега обвинителката не бара ефективен притвор? Бидејќи, овој предмет очигледно се води според испланиран календар.
Кривичниот суд Скопје, на 22 февруари 2024 година, носи Решение КСП бр. 93/24 за продолжување на мерката куќен притвор.
На 29 февруари 2024 година, Основниот кривичен суд Скопје (XV К бр. 2142/24) пак на обвинетиот му го продолжува куќниот притвор до правосилност на пресудата.
Во завршницата на оваа судско-обвинителска патрдија, Основниот кривичен суд Скопје, врз основа на признание на вина, на обвинетиот Д.Ц. му определува казна затвор во траење од 1 година.
Но, обвинетиот, преку неговиот бранител, на 18 јуни 2024 година, поднесува жалба до Апелациониот суд Скопје.
За работата уште повеќе да се заплетка, а неправосилно осудениот дополнително да добие на време, предметот сега му се дава на друг јавен обвиннител за одговор на жалба.
Уште посимптоматично е што Основното јавно обвинителство не вложило жалба за изречената првостепена кривична санкција.
Во финишот, на 27 јуни 2024 година, со одлука КЖ бр. 663/24, Апелациониот суд Скопје ја потврдува првостепената пресуда.
За речиси 1 килограм марихуана, осудениот Д.Ц. завршил во куќен притвор на 31 август 2023 година. Тој „лежи“ во куќен притвор се до правосилноста на пресудата, односно до 27 јуни 2024 година. Тоа е повеќе од една година. А куќниот притвор се смета исто како да бил во ефективен притвор, што ќе рече му се смета како да лежел и во затвор.
Со други зборови, обвинители и судии, со здружени сили, успеале Д.Ц. да биде осуден за тргување со 992 грама марихуана, но да не одлежи ниту еден ден ниту во ефективен притвор, а нема да лежи ниту во затвор. Тој својата казна веќе си ја „одлежал“ – дома.
Е тоа е таа лажна правда што ја делат нашите обвинители и судови, кога сакаат или кога се „мотивирани“, се разбира.
За 150 ќебапи некој лежи во затвор 3 години (случајот во Велес), а за дилање 1 килограм дрога друг си „лежи“ дома, покрај софра и телевизор, а веројатно патува и на годишен одмор, на викенди и ужива секакви други удопства.
Претседателе на Судскиот совет, Александар Камбовски, се слушаме ли?
извор Плусинфо.мк