Денес, сабота, 28 јуни, со почеток во 18:05 часот, во Кочани ќе се одржи единаесеттиот по ред „Марш за ангелите“, во знак на сеќавање на настраданите во трагичниот пожар во клубот „Пулс“. Настанот е организиран од родителите и блиските на жртвите, како симболична почит кон починатите и поддршка за побрзо заздравување на повредените.
Маршот ќе започне од Паркот на Револуцијата, по што ќе продолжи кон Трговскиот центар, Општина Кочани, Полициската станица, Основниот суд и Обвинителството.
Семејствата ги повикуваат сите граѓани кои се залагаат за неселективна правда да им се придружат и да дадат поддршка во нивната борба за одговорност и праведност.
Организаторите информираат дека сите надлежни институции се навремено известени за одржувањето на маршот. Апелираат до медиумите да известуваат со почит кон приватноста и болката на семејствата.